Sunday, May 27, 2012



ДРАМСКИ ТЕКСТ '' Кој спие, нека стане...''

Учествуваат: раскажувачот, дедо Боро, петелот, кучето, овцата, пајката, коњот и магарето

РАСКАЖУВАЧОТ (и се обраќа на публиката):  Утрово, неколку домашни животни и птици се скараа во дворот... За тоа кое од нив му е најупотребно на стопанот - Дедо Боро. Ова некому можеби неверојатно ќе му звучи. Затоа видете сами што навистина се случи...
(раскажувачот излегува)

ПЕТЕЛОТ (кукурига, пее) : Кукуригууу! Куку-ригууууу! Зората почна да руди... Кој спие, нека стане, од сон нека се буди! Ајде, спанковци, уште ли ќе дремете? Зошто од мене најранобудникот, и вие пример не земете!?!

КУЧЕТО:  Леле мајко, кој се нашол ум да дели?! Го слушате ли лудово петле на сет глас што вели? Се наспало спокојно, па на сет глас ни вика. А уште сонцето пред да зајде, главата под крило си  ја пикна! Ако јас саноќ не дежурам будно и со мракот не водам борба, од тебе лиска стопати ќе направеше чорба! Секоја ѕверка во шумата знае чиј пес во селото најгласно лае!

ОВЦАТА:  Ако се размисли чесно и здраво, ти брате Мурго сосем имаш право. Не браниш, не чуваш, секоја ти чест и слава... Но, може ли селска куќа без овца , коза или без крава?! Млеко и месо на луѓето, тогаш кој ќе им дава? А од млекото, знаеш, и сирење и кајмак се прави. За да јадат децата, да бидат силни и здрави.

ПАЈКАТА: Кога сме кај децата , зошто да се лажеме? И една друга вистина треба да кажеме. Половични би биле и правдината и вистината, ако не се каже и ползата од живината. Јајцата од кокошките, гуските и пајките највкусни им се на децата, прашајте ги мајките. И варени и пржени, секакви ги бендисуваат. Но кога се вапсани, на Велигден, најмногу име се радуваат...

КОЊОТ:  И чув и видов секој од вас што рече. Но запрежната кола на стопанот знаете ли кој му ја влече?! Ни трактор, ни сеалки нема дедо Боро. Плугот кој го влече? Нивите кој му ги ора? Сите полски работи на грбот мој паѓаат. Со мене ора, сее, затоа и нивите му раѓаат!

МАГАРЕТО:  Секој си се фали и до облаци се крева. А јас ''Не умри магаре до зелена трева ''. Некој ''саноќ лаел '', друг ''кола влечел '', за кутрото магаре ни збор да се рече! А кога дедо Боро оди ливадата да ја коси, на својот самар тогаш кој него го носи? И по дрва во гората, зар оди пешки? А јас нив ги влечам на моите плешки!

РАСКАЖУВАЧОТ:  Кавгава можеби ќе траеше до вечер, ако дедо Боро не излезеше да им рече: 

ДЕДО БОРО:  Добро, ве чув за што разговарате. Немате причина да се карате. Ние, луѓето со вас од памтивек другаруваме. Заемно си помагаме и се почитуваме. И за дома и за в поле-потребни сте ни сите. Макар и без едно од вас, тешки би биле дните. Колку ние ви даваме, толку од вас примаме. А тоа значи дека заемна полза си имаме!

Киро Донев

2 comments:

  1. ПРЕКРСЕН ТЕСКТ вери бјутифул вери вери гахагахах

    ReplyDelete